Дербито на четвртото коло од Европскиот Клупски Куп 2018 за ШК Алкалоид


Во третото коло ШК Алкалоид се сретна со тимот на Вердер Бремен од Германија. Мечот заврши со резултат 5:1 со што Алкалоид ја оправда улогата на фаворит и во овој дуел.

Во четврото коло Алкалоид се сретна со екипата на Медни Всадник од Русија, против кого извојува минимална победа 3,5: 2,5.

Прв својата партија ја заврши велемајсторот Јангји кој играјќи со црните фигури ја покажа својата одлична теоретска подготвеност и скоро форсирано, без потешкотии ремизираше.

Андреикин водејќи ги белите фигури, играше оригинално со цел да го изненади својот противник но неуспеа да создаде предност и во средишницата ја прифати понудата за реми.

На четвртата табла Јаковенко беше под силен притисок и неколку пати наоѓаше едиствени потези за да ја одржи неизвесноста во партијата. Откако успеа да се одбрани и да го неутрализира притисокот од противникот, ремизираше во еднаква тешкофигурна завршница.

Првата победа за Алкалоид во овој меч ја оствари моментално четвртиот најсилен играч во светот Динг Лирен. Тој за противник го имаше повеќекратниот шампион на Русија велемајсторот Петар Свидлер. Знаејќи дека неговиот противник не е во форма, Лирен избра сложено отворање каде што би можел  да се здобие со предност. Така и се случи, па таа предност со прецизна техника успеа да ја реализира во завршницата.

Втората победа ја оствари украинскиот велемајстор Павел Елјанов, кој со белите фигури се здоби со попријатна позиција после отворањето. Вешто маневрирајќи со своите фигури постепено ја зголемуваше таа предност и ја претвори во цел поен.

Последен заврши Криворучко, кој откако мечот веќе беше решен во петтиот саат од борбата направи груба грешка што неговиот противник успеа да ја искористи.