ШК „Алкалоид“ повторно несоборлив на шаховската табла

Втора победа забележа екипата на ШК „Алкалоид“ во мечевите од Европскиот Клупски Куп во шах 2015. Шампионот на Норвешка, „Осло Шакселскап" (рангиран на 12 место), беше противник во второто коло, а „Алкалоид“ и оваа пречка ја помина со висока победа 5,5 : 0,5.

На првата табла, Велемајсторот Иванчук одбра необична шема на развој, која младиот Хамер ја прифати и уште во раната фаза од партијата настана комплицирана игра која резултираше со мат во 33 потега и победа на Иванчук.

На втората табла, најискусниот норвешки играч Агдештеин со бели фигури одигра рамноправна партија со Томашевски, која заврши со единственото реми во мечот.

На третата и четвртата табла, шахистите на „Алкалоид“, Андреикин и Криворучко, со агресивна, остра игра ги принудија своите противници на предавање во третиот час од играта.

На последните две табли, Ју и Панчевски играа завршници со разнобојни ловци и тешки фигури. Ју ја искористи предноста на слободниот пешак, а противникот на Панчевски се предаде пред неодбранливи матни закани.

Во второто коло нови победи извојуваа главните фаворити, но за одбележување се две големи изненадувања - порази на Накамура (во моментов бр. 2 играч во светот) и Гири (5-ти играч на ФИДЕ листата).

Веќе во третото коло може да се очекуваат дерби мечеви меѓу топ 10 рангираните екипи.