Кинескиот Велемајстор Ју му ја донесе четвртата победа на ШК „Алкалоид“

Во четвртото коло од ЕКК 2015, екипата на ШК „Алкалоид“ извојува значајна победа совладувајќи го „АВЕ НОВИ БОР“ од Чешка, Европски Шампион 2013 и вицешампион 2014 година!

Дека се работеше за две изедначени екипи, потврда се 5-те реми завршетоци на останатите табли. Но, сите се случија по долга борба и 4 часа игра. Иванчук  (против Војташек) и Јаковенко (против Харикришна) со бели фигури изградија поизгледни позиции. Истовремено Томашевски и Криворучко беа во блага дефанзива. Сите тие позиции, вклучувајќи ја изедначената партијата на Андреикин, не го отворија резултатот.

Кинескиот шахист Ју Јангји по речиси 6 часа и одиграни 85 потега, ја донесе победата за ШК „Алкалоид“. Во динамична Сицилијанска партија, Ју го диктираше темпото, одржуваше напрегната позиција и во далечната дамска завршница успеа да ги искористи последните ресурси во борбата за цел поен. Во тој момент резултатот во мечот беше 2,5:2,5 и конечниот исход зависеше од таа партија. Драмата на мечот се решаваше во ситуација кога двата противници имаа преостанато помалку од 2 минути за завршување на партијата. Ју успеа да најде скриена комбинација со која премина во добиена завршница крал и пешак против крал.

Со тоа екипата на ШК „Алкалоид“, по 4 одиграни кола и освоени максимален број бодови, се наоѓа на делба на првото место заедно со фаворизираните „СОКАР“ и „СИБИР“.