ЕКИПНО ЈУНИОРСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО 2017


Во организација на шаховскиот клуб АЛКАЛОИД се одржа Екипното првенство на шаховските школи на ШК АЛКАЛОИД за млади до 16 години. Турнирот имаше за цел да ги вклучи сите јуниори кои активно ги посетуваат шаховските школи, како можност почетниците да стекнат првично искуство на одигрување турнирски партии против далеку поискусни противници, кои досега учествувале на државни натпревари, меѓународни турнири, како и Европски и Светски првенства за јуниори.

Настапија шест екипи од Скопје, Прилеп, Неготино и Струга, составени од четири млади играчи плус четири резерви, односно вкупно 36 младинци, членови на ШК АЛКАЛОИД, од цела Македонија.

Турнирот се одигра во два дела, првите три кола се одиграа на 12 март 2017 година во Скопје додека последните решавачки две кола се одиграа на 21 мај 2017 година во хотелот „Дрим“ во Струга. Темпо на игра беше 15’ +10“ по играч.

По петте одиграни кола првото место го поделија екипите на шаховската школа на интернационалниот мајстор Дејан Стојановски со освоени 9 меч бодови и 17,5 поени и шаховската школа на велемајсторот Влатко Богдановски со освоени 9 меч бодови и 16,5 поени. Во меѓусебниот дуел овие две скопски екипи одиграа нерешено 2-2. Третото место со 6 меч бодови го освои екипата од Прилеп, на велемајсторот Звонко Станојоски. Четвртото место го освои екипата од Струга чиј што тренер е на женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска. Петтото место и припадна на екипата комбинирана од играчи од неколку шаховски школи, додека шестото место го освои екипата на шаховската школа од Неготино, на велемајсторот Трајко Недев.

Сите учесници на турнирот добија дипломи. На најдобрите три екипи им беа доделени медали, а шампионската екипа освои и победнички пехар.