ШК „Алкалоид“ го отвори Европскиот Клубски Куп со убедлива победа

Екипата на ШК „Алкалоид“ стартуваше со убедлива победа во рамки на првото коло од Европскиот Клубски Куп во шах 2015, кое се одигра денес. ШК „Алкалоид“ оствари победа од 5,5 : 0,5 - пет победи и едно реми против британскиот претставник „Блекторн Русија“.

Победи забележаа Јаковенко, Андреикин, Криворучко, Ју и Недев. На првата табла, противникот на Иванчук, со ризична игра и жртви на две фигури успеа да стигне до вечен шах, односно реми. Во останатите партии, шахистите на „Алкалоид“ со сигурна игра не им дадоа шанса на своите противници и притоа Јаковенко и Андреикин ги принудија противниците на капитулација уште во средишницата, а останатите со постепено зголемување на предноста, извојуваа победи во завршницата од партиите.

Ова е Европски Куп со досега најсилен состав на играчи, односно со присуство на речиси целата светска шаховска елита. Рејтинг – фаворитите „Сокар“ Азербејџан и „Сибир“ Русија. Како и останатите топ-тимови се интернационален микс на елитни играчи предводени од поранешните светски прваци Топалов и Крамник.

Првото коло помина без изненадувања, па фаворитите извојуваа сигурни победи.