Европско шаховско Првенство за јуниори 2016

На овогодишното Европско Првенство за јуниори во категории до 08, 10, 12, 14, 16 и 18 години , кое се одржа од 17-28 август во Прага, Чешка; Македонија ја претставуваа четири членови на јуниорските школи на ШК Алкалоид. Најдобро пласиран беше Цветковски Ѓорѓи во категоријата момчиња до 8 години, освојувајќи 5 поени од 9 партии со што се најде на делба на 31-то место - иако почетно беше рангиран на 56 место од вкупно 105 учесници.

Исто толку поени освои и нашиот најсилен јуниор ФИДЕ – мајсторот Лазов Тони. Во категоријата момчиња до 16 години, до седмото коло Тони беше во самиот врв со 5 поени од 7 партии но, во последните две кола не издржа и по двата пораза на крај го освои 44-то место од вкупно 131 учесници.

Во категоријата момчиња до 12 години настапи Јорданов Михаил, кој со освоени 3.5 поени заврши на 121-то место од вкупно 157 учесници. По лошиот старт, во последните 5 кола Петровиќ Лазар кој што играше во категоријата момчиња до 14 години, успеа да го поправи впечатокот и на крајот турнирот го заврши со 2.5 освоени поени.

Посебно радува настапот на најмладите претставници, за кои може да се констатира дека во иднина можат да се борат за високи пласмани, но потребна е специјализирана работа за нивно усовршување.