Интернационалниот мајстор Филип Панчевски е победник на Отворениот меѓународен турнир во брзопотезен шах Алкалоид 2016

Турнирот се одржа на 20 Март, а се играше со темпо на игра 3 минути за цела партија, плус 2 секунди дополнување на секој потег.

Членот на ШК "Алкалоид" првото место го подели со Saraci Nderim од Косово. Двајцата играчи освоија по 10,5 поени од 13 партии, но Панчевски беше подобар по дополнителниот критериум. Третото место му припадна на велемајсторот Трајко Недев, исто така член на ШК "Алкалоид", со освоени 10 поени.

Групата на играчи со 9,5 поени ја предводи Интернационалниот мајстор Дејан Стојановски, делејќи го четвртото место со велемајсторите Драгољуб Јаќимовиќ и Влатко Богдановски. Најуспешен младинец беше талентираниот фиде мајстор Лазов Тони освојувајќи 8,5 поени на турнирот и нови 53 рејтинг поени. Ова е втора последователна победа на Панчевски на Алкалоидовиот турнир во брзопотезен шах, кој годинава се одржа по четврти пат, со рекорден број 149 учесници, од неколку земји.

Наградниот фонд изнесуваше 60.000 денари, и беше поделен на 12 парични награди и неколку специјални награди.