Филип Панчевски победник на меѓународниот шаховскиот турнир во забрзан шах АЛКАЛОИД 2015

На 06 декември се одржа традиционалниот меѓународен шаховски турнир АЛКАЛОИД 2015 во забрзан шах. Турнирот помина во одлична атмосфера и вообичаена одлична организација, рекорден број 147 учесници од кои 33 со меѓународни титули. Во својот препознатлив, борбен стил на игра првото место го освои членот на ШК „Алкалоид“, Интернационалниот мајстор Филип Панчевски, со 8 поени од 9 партии, освојувајќи нови 30 рејтинг поени и притоа победувајќи го во директниот дуел фаворитот на турнирот и второпласиран во конечниот пласман Велемајсторот Богосављевиќ Бобан. Третото место го освои Јовиќ Станоје (двајцата од Србија). Со оваа победа Панчевски го потврди својот квалитет во брзите темпа на игра со што е севкупен овогодишен победник бидејќи во февруари победи и на меѓународниот турнир во брзопотезен шах АЛКАЛОИД 2015.

Наградниот фонд на турнирот беше поделен на 12 финансиски награди, дополнет со бројни специјални награди за најуспешна шахистка (ФИДЕ мајсторот Моника Стојковска), најдобро пласирани јуниори ( Никола Николовски до 18 години, Тони Лазов до 16, Наталија Грабачева - Бугарија до 14, Јана Анѓелкоска до 12, Иван Цапески до 10 и Ѓорѓи Цветковски до 8), најуспешен над 65 години (Никола Медарски).

Во исто време се одржа и ревијалниот шаховски турнир за новинари. По голема изедначена борба првото место го поделија Зоран Николовски (Сител), Зоран Стерјовски (МИА) и Гоце Илковски (Нова Македонија). Победничкиот пехар му беше доделен на Зоран Николовски. ШК „Алкалоид“ продолжува со организацијата на квалитетни меѓународни турнири во брзи темпа на игра, за популаризација на шаховската игра.