Јуниорски шаховски првенства на Македонија за 2017


Хотелот Дрим и градот Струга и оваа година беа домаќини на Јуниорските првенства на Македонија што се одржаа во периодот 10-15.06.2017. Првенствата, беа поделени по категории за јуниори до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години. Јуниорките настапуваа само во категории до 10 и 14 години. Во сите категории настапија рекорден број за последните десетина години, вкупно 82 учесници, од кои 65 момчиња и 17 девојчиња. ШК Алкалоид, следејќи ја својата базична долгорочна стратегија за развој на јуниорскиот шах имаше вкупно 34 претставници во сите категории.

Во категоријата момчиња до 8 години настапија 10 шахисти и се играше турнир по Бергеров систем од 9 кола.

Во категоријата момчиња до 10 години настапија најмногу (20) учесници. Се играше Швајцарски систем од 8 кола. Во оваа категорија второто место со 7 поени од 9 партии го освои Цветковски Ѓорѓи кој што е член на шаховската школа на ВМ Богдановски Влатко.

Во категоријата момчиња до 12 години настапија вкупно 18 натпреварувачи (момчиња и девојчиња). Во оваа категорија првото место го поделија Цапески Иван и Звездакоски Матеј, двајцата членови на шаховската школа на ВМ Звонко Станојоски, со 7,5 поени од 8 партии.

Во категоријата момчиња до 14 години настапија 11 шахисти и се играше Швајцарски систем од 5 кола. Победник на турнирот беше Велковски Кристијан од шаховската школа на ВМ Влатко Богдановски кој освои 4,5 поени.

Во категоријата момчиња од 16 години настапија 6 момчиња и едно девојче. Се играше Бергеров систем од 7 кола.

Во најсилната категорија момчиња од 18 години настапија вкупно 5 шахисти и се играше Бергеров систем двокружно во десет кола. Првото место го освои Михов Филип, чиј што тренер е ВМ Јаќимовиќ Драгољуб, со 7 поени. Второто место со 6,5 поени го освои Лазов Тони кој што е член на шаховската школа на ВМ Недев Трајко.

За јуниорките се одржаа посебни турнири во категориите до 10 и до 14 години. Во категориите во кои беа пријавени помалку од 4 шахистки, јуниорките играа заедно со јуниорите.

Во категоријата девојчиња до 10 години настапија 7 шахистки кои играа Бергеров систем од 7 кола. Недева Мирјана го подели 3-4 место со 3 поени од 6 партии.

Во категоријата девојчиња до 14 години настапија 4 шахистки кои играа Бергеров систем двокружно во 6 кола. Победник на турнирот со максимален број на поени беше Анѓелковска Јана која што е член на шаховската школа на ИМ Дејан Стојановски.