Mеѓународен турнир XXIX Трофеј Белград

Одлична игра на шахистите на Алкалоид на oтворениот меѓународен турнир XXIX Трофеј Белград: Јаќимовиќ трет, Лазов нов Фиде мајстор!

Капитенот на ШК Алкалоид Велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ (рејтинг 2399) го освои третото место на отворениот меѓународен шаховски турнир XXIX Трофеј Белград, Србија. Јаќимовиќ ги израдува своите навивачи со висока борбеност, остварувајќи пет победи едноподруго (меѓу кои и победа против победникот на турнирот Велемајсторот Бранко Дамљановиќ), па иако во вториот дел од турнирот борбено ги ремизираше следните четири партии - успешно го заврши турнирот со 7 поени од 9 партии. За играта на Јаќимовиќ потврдуваат и вториот и третиот критериум за пласман на турнирот: имаше најсилни противници (според вториот критериум за пласман) како и остварен рејтинг перформанс од 2600 (што беше трет најдобар перформанс на турнирот) ! Овој резултат му донесе нови 23 рејтинг поени и се надеваме ќе продолжи со ваква борбеност и на следните турнири.

Македонската најголема надеж, јуниорот Тони Лазов, роден 2000 година, (рејтинг 2226) продолжува со одличните резултати. На турнирот во Белград освои 5.5 поени, победувајќи 3 Интернационални мајстори, со што освои високи 103 рејтинг поени, остварувајќи четврт резултат на турнирот според освоени рејтинг поени. Со овој резултат Лазов скокна уште една скала во својата кариера и ја надмина границата од 2300 рејтинг поени потребна за освојување на титулата Фиде мајстор.