Моника Стојковска со извонреден настап на Шаховската Олимпијада во Баку, кон титулата Женски Интернационален Мајстор

Во Баку, Азербејџан од 01 до 14 Септември се одржа 42 Шаховската Олимпијада. Во составот на двете репрезентации на Македонија настапија повеќе членови на ШК Алкалоид. Машка репрезентација: ВМ Трајко Недев, ИМ Филип Панчевски, ФМ Тони Лазов (покрај нив и ВМ Алксандар Чоловиќ и ФМ Никола Николовски). Женска репрезентација: ЖФМ Моника Стојковска, Драгана Николовска, Симона Лакинска (покрај нив и Бојана Бејатовиќ и Ивана Манова), селектор ВМ Влатко Богдановски.

Посебно за одбележување е одличната игра на Моника Стојковска, која настапи на првата табла, имајќи ги најсилните противнички покажа вистински лидерски квалитети и освои 7 поени од 10 партии (6 победи, 2 реми и два порази), со што доби нови 41,2 рејтинг поени. Со овој резултат Моника исполни норма за титулата Женски Интернационален Мајстор (пресметана како норма од 20 партии). За конечно освојување на титулата ќе и биде потребно да исполни уште една норма (од најмалку 7 партии) и да ја достигне рејтинг границата од 2200 поени.

Инаку, Моника Стојковска се одделува како особено добар екипен играч, со оглед дека и својата сегашна титула Женски ФИДЕ Мајстор ја има освоено на Шаховската Олимпијада во Истанбул 2012 година - јасно е дека ја мотивираат големи натпревари.

Во ШК Алкалоид членува од почеток, од најрана јуниорска возраст, а сегашен тренер е ВМ Драгољуб Јаќимовиќ. Пред Олимпијадата Моника додаде уште еден значаен животен резултат за што заслужува уште една честитка - дипломираше на Економскиот Факултет, насока Сметководство и Ревизија, при  Универзитет Св. Кирил и Методиј Скопје.