Отворено Меѓународно Првенство на Македонија за 2016 година

Филип Панчевски победи на Отвореното Меѓународно Првенство на Македонија за 2016 година што се одржа од 16 до 24 Јули во Струга. Новиот шампион на Македонија, член на ШК Алкалоид,  до победата стигна освојувајќи 7 поени, исто колку и неговиот клупски колега Велемајсторот Звонко Станојоски, но поради подобар дополнителен критериум на Панчевски му припадна првото место. Турнирот беше неизвесен до самиот крај, а што е посебно интересно и драматично дури пет играчи (од кои четири од ШК Алкалоид) имаа шанса во последното коло. Звонко Станојоски беше во водство со 6.5 поени (но ремизира со Дејан Стојановски во последно коло), додека со 6.0 поени го следеа Панчевски, Богдановски (во меѓусебниот дуел после голема борба во цајтнотот, подобар беше Панчевски), Стојановски и српскиот Интернационален мајстор Златановиќ (кој во последното коло ремизира против нашиот Тони Лазов).  На крајот, Дејан Стојановски делеше трето место (според дополнителни критериуми пласиран на четврто место).

И останатите играчи на ШК Алкалоид постигнаа одлични резултати. Велемајсторот Влатко Богдановски (поради поразот во последното коло) се пласира на осмото место, а за одбележување е неговата победа против хрватскиот Велемајстор и прворангиран на турнирот Анте Шариќ.  Најдобриот македонски јуниор, ФИДЕ мајсторот Тони Лазов со освоени 6 поени го подели осмото место.  Најдобро пласирана македонска шахистка е членката на Алкалоид  Моника Стојковска која освои 5,5 поени исто колку и нашата Габриела Коскоска.

Јуниорите од шаховски школи на Алкалоид во рамноправна игра со возрасните постигнаа забележителни резултати. Посебно пријатно изненади Михаил Јорданов (првак на Македонија за јуниори до 12 години) освојувајќи 5 поени што му донесе неверојатни 166 рејтинг поени. Александар Константинов освои 5,5 поени и нови 55 рејтинг поени, Филип Михов освои нови 30 рејтинг поени. Јана Анѓелковска освои 96 рејтинг поени додека Симона Лакинска го подобри сопствениот рејтинг за нови 40 рејтинг поени.

На турнирот учествуваа 65 шахисти, од 8 држави, од кои со меѓународни титули настапија 4 Велемајстори, 5 Интернационални мајстори, 2 Женски интернационални мајстори, 7 ФИДЕ мајстори и 1 Женски ФИДЕ мајстор.