Панчевски убедлив на Отвореното првенство на Скопје

Членот на ШК Алкалоид интернационалниот мајстор Филип Панчевски победи на Отвореното првенство на Скопје за 2016 година. Турнирот се одржа на 18 Декември, со рапид/ забрзан шах темпо на игра.

Првото место го освои убедливо со 8.5 поени од девет партии. По првите 7 кола Панчевски освои исто толку поени, при тоа остварувајќи значајни победи против клупските колеги, велемајсторите Драгољуб Јаќимовиќ и Звонко Станојоски во петтото односно седмото коло. Единственото реми го одигра со минатогодишниот победник, велемајсторот Влатко Богдановски.

Второто место му припадна на велемајсторот Станојоски Звонко кој освои 7.5 поени. На делба од трето од петто место со освоени 7 поени се пласираа Јаќимовиќ, Богдановски и младиот фиде мајстор Никола Николовски. Женскиот фиде мајстор, членката на ШК Алкалоид Моника Стојковска со освоени 5.5 поени и беше најдобро пласирана шахистка на турнирот. Настапија 92 учесника од цела Македонија.