Пречка на патот до врвот за ШК „Алкалоид“ од руски „Сибир“

Рускиот „Сибир“ кој во моментов е најблизу до трофејот на Европскиот Клупски Куп, му нанесе минимален пораз на „Алкалоид“, од 3,5 : 2,5 на крајот од шестото коло.

Во борбен меч, велемајсторите од екипата на „Сибир“, Ароњан и Ли Чао, по отварањето ја задржаа предноста на белите фигури против Томашевски и Андреикин. Од друга страна, играчите на „Алкалоид“ со бели фигури, Јаковенко и Криворучко постигнаа изгледни позиции. На првата и шестата табла, Иванчук, односно Ју играа изедначени позиции. Во драматичен финиш, Криворучко со тактички удар го принуди на предавање Ван Хао. „Сибир“ изедначи преку победата на Ли Чао над Андреикин. Повторно секундите и цајтнотот беа кобни за Иванчук на првата табла. Во моментите кога Крамник имаше потешкотии во топовската завршница, следуваше груба грешка и комплетен пресврт со што Русите поведоа. Јаковенко и Ју ги доведоа еднаквите позиции до објективен реми завршеток.

На крајот Томашевски со упорна и жилава одбрана успеа да ја неутрализира предноста на Ароњан.

Со оваа победа, „Сибир“ е сам на врвот и блиску до трофејот, а екипата на „Алкалоид“ во утрешното коло ќе се обиде со победа да се врати во врвот на табелата.