Се одигра меѓународниот Турнир во забрзан Шах АЛКАЛОИД 2017


Традиционалниот отворен меѓународен турнир во рапид темпо Алкалоид 2017 оваа година собра рекорден број од 198 учесници, од 5 држави. По одиграните 9 кола, на врвот на турнирската табела со ист број 7,5 поени се најдоа четворица шахисти: Велемајсторите Петар Дренчев (Бугарија), Милош Перуновиќ (Србија), Интермајсторите Филип Панчевски (член на ШК Алкалоид и актуелен Шампион на Македонија) и Златановиќ Борољуб (Србија). Според дополнителн критериум првото место и победничкиот пехар му припадна на Дренчев. Петопласиран, е Велемајсторот Звонко Станојоски, исто така член на ШК Алкалоид кој ја предводи групата од 10 шахисти со по 7 поени.

Најуспешна шахистка на турнирот, со освоени 5 поени, е ФИДЕ Мајсторот Моника Стојковска, членка на ШК Алкалоид и прва табла на македонската женска репрезентација.


Беа доделени и повеќе специјални награди.

Наградата за најдобар ветеран над 65 години му припадна на ФИДЕ Мајсторот Љубомир Хаџи-Манев кој освои 5,5 поени. Најдобар шахист со рејтинг до 2199 беше Милан Ристиќ од Србија со освоени 6,5 поени. Во категоријата шахист до 1999 рејтинг поени најуспешен беше Зоран Тевдовски со освоени 6 поени, додека пак во категоријата до 1799 рејтинг поени најдобро пласиран беше Антон Петров.

Во категориите за најуспешни јуниори беа доделени 6 награди. Во најмладата категорија до 8 години првото место го освои Кирил Николовски. До 10 години најуспешен беше Константин Георгиев од Бугарија кој што освои 4 поени. Во категориите до 12 и 14 години наградите за најуспешни јуниори ги освоија членовите на ШК Алкалоид Матеј Звездакоски и Михаил Јорданов. Во категоријата до 16 години најуспешен беше 12 годишниот гостин од Бугарија Ташев Александар кој освои 5,5 поени.  Во највисоката јуниорска категорија до 18 години првото место го освои членот на ШК Алкалоид ФИДЕ мајсторот Тони Лазов со 5,5 поени од 9 партии.

Турнирот помина во одлична фер атмосфера, со заедничка порака до организаторот да се продолжи препознатливата традиција. Вкупниот награден фонд изнесуваше 122.000 денари.