ШК „Алкалоид“ го започнува Европскиот Клупски Куп 2016 со меч против „Schachfreunde Berlin“

Европскиот Клупски Куп во шах, стартува во Нови Сад, град кој со гордост ги носи епитетите на мултинационален и мултикултурен, со својата релаксирана атмосфера ќе настојува да им пружи најдобри услови за натпреварување на врвните светски шахисти.

Шахот е значаен дел од богатата историја и култура на Србија и Војводина особено. Во Нови Сад е одржана 29 Шаховска Олимпијада во 1990 година, Европскиот Екипен Шампионат 2009 година и еве сега, Европскиот Клупски Куп. Во сите изминати години, во Нови Сад редовно се одржуваат бројни национални и меѓународни шаховски турнири.

Европскиот Клупски Куп како натпреварување последните десетина години интензивно расте во квалитет, со оглед дека сите врвни светски (не само Европски) шахисти се вклучени во составите на клубовите, во Нови Сад вкупно 219 велемајстори и интернационални мајстори. Истовремено и бројот на екипи се зголемува, за оваа 2016 година да собере 62 екипи во машка и 14 екипи во женска конкуренција, или претставници на 47 шаховски федерации од Европа.

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ се вбројува во најтесниот круг на фаворити и со својот интернационален состав е второ рангирана екипа на стартот.

Како главни фаворити и конкуренти на нашата екипа, се издвојуваат уште минимум 6 екипи: минатогодишниот победник „Sibir“ Новосибирск (повторно со поранешниот Светски Шампион Крамник) како прво рангирани, и потоа со незначителна разлика во просечниот рејтинг следат „Obiettivo Risarcimento“ Падова (во својот состав го има моментално третиот светски шахист на рејтинг листата Maxime Vachier Lagrave), „Mednyi Vsadnik“ Петербург, „AVE Novi Bor“ Чешка (европски шампиони од 2013 година), „SHSM Legasy Square“ Москва и “ВШК Свети Николај Српски“.

Натпреварувањето ќе се игра по швајцарски систем, 7 кола кои се играат секој ден од 06 до 12 ноември. Екипите во машка конкуренција се составени од 6 играчи во основен состав и две резерви. Темпото на игра е 90 минути за првите 40 потези, потоа уште 30 минути за до крај на партијата, плус 30 секунди додаток по секој одигран потег, почнувајќи од првиот.

Во првото коло екипата на ШК „Алкалоид“ се среќава со германската екипа „Schachfreunde Berlin“.