ШК „Алкалоид“ и натаму на врвот

Мечот помеѓу Алкалоид и Сибир заврши со шест реми партии. Од резултатот може да се извлече погрешен заклучок дека сето тоа течеше едноставно, лесно и без многу борба. Напротив ова беше најнеизвесниот и најдолгиот меч, последната партија по пет и половина часа игра.

Во руското дерби на четвртата табла, играа двајца играчи Јаковенко и Томашевски, кои одлично се познаваат меѓусебе и нивното реми беше очекувано од двете екипи.

Во тој момент оценката на позициите на останатите табли изгледаше вака. На првата табла поранешниот Светски шампион Крамник со бели фигури оствари, за негово ниво, значајна предност против Динг Лирен. На втората табла, Андреикин имаше попријатна позиција против Гири, но со оглед дека холандскиот велемајстор важи за изразит реми играч екипата на Алкалоид не полагаше многу надежи за цел поен во оваа партија. На третата табла се очекуваше голема и долготрајна борба, со задолжителен цајтнот, каде што нашиот велемајстор Елјанов играше против Гришчук, а позицијата беше неизвесна. На петтата табла уште во раната фаза кинескиот велемајстор Ју западна непријата и бесперспекитвна позиција со предност за Коробов. На шестата табла изгледаше дека Криворучко има поизгледна позиција од Рублевски. Вообичаено мечевите на Сибир на овој турнир ги решаваа Крамник или Коробов, а во овој случај и двајцата беа во подобри позиции.

Во меѓувреме, откако ги исцрпе потенцијалните ресурси за игра на победа, Андреикин се согласи на реми. Останаа да се играат четири партии во кои Сибир на две имаше предност, а другите две беа еднакви. Голема радост донесе Динг Лирен, кој со тактички мотиви успеа да ја неутрализира предноста на Крамник и нивната партија заврши со реми. Набрзо после временската контрола по упростувањето на позицијата на реми мораше да се согласи Јуриј Криворучко. Останаа да се играат уште две партии во кои Ју и натаму имаше доста послаба позиција, а Елјанов на сите начини се обидуваше да изнајде можност за игра на победа и со тоа да го спаси мечот. Долгата и упорна борба вроди со плод. По непрецизноста на Коробов со петтиот час од партијата Ју се здоби со добри контрашанси. Во тој момент партијата Гришчук-Елјанов заврши реми. Следеа уште петнаесет минути неизвесност до конечните 3:3 во мечот.

Со овој резултат по шест одиграни кола Алкалоид се задржа сам на врвот со 11 меч бодови. На табелата следат „Mednyi Vsadnik”, „SHSM Legacy Square Moscow”, „Sibir“ и „ВШК Свети Николај Српски“ со по 10 бода. Во последното решавачко коло во борбата за медалите се среќаваат:

„Алклалоид” - „SHSM Legacy Square Moscow”

„Mednyi Vsadnik” - „Sibir“

„Odlar Yurdu” - „ВШК Свети Николај Српски“