ШК „Алкалоид“ ремизираше против „Globus“

       Во дербито на шестото коло екипата на „Алкалоид“ играше против најсилната екипа на турниот „Globus“.За руската екипа настапија шест шахисти од самиот врв предводени од поранешниот Светски првак Владимир Крамник. На сите шест табли се играше солидно и без ризик, па крајниот резултат беше очекуван 3:3 со шест реми партии.

На првата табла Динг Лирен водејќи ги белите фигури не одигра најправилно во отворањето против Крамник, по што беше приморан да се бори за еднаквост во текот на целата партија. После долга борба и многу прецизни потези успеа да ремизира во дамска завршница.

На втората табла, украинскиот велемајстор Елјанов играше против поранешниот член на ШК „Алкалоид“ Шахријар Мамедијаров. Во Дамин гамбит без поголеми проблеми успеа да ја изедначи позицијата. Ниеден од играчите во текот на целата партија не беше во опасност, затоа по 30от потег двајцата противници се согласија на реми.

На третата табла Дмитри Андреикин играјќи со белите фигури цело време одржуваше мала предност која што неговиот противник ја неутрализира со бројни измени поедноставувајќи ја позицијата. Во еднаква позиција противниците ремизираа.

На четвртата табла, вториот кинески велемајстор Ју Јангји со црни фигури играше против Сергеј Карјакин, ланскиот предизвикувач на Светскиот првак Магнус Карлсен. Јангји, кој важи за агресивен и остар играч, поради важноста на овој меч се реши да игра за Руска одбрана, отворање кое се смета за многу солидно. Партијата очекувано заврши со поделба на поенот.

На петата табла Јаковенко играјќи со белите фигури, против силниот холандски велемајстор Аниш Гири, не доби позиција во која што имаше шанси за надигрување. После 30от потег во еднаква завршница противниците се согласија на реми.

Криворучко иако играше со црните фигури против поранешниот Европски првак Непомниатчи Јан, создаде најмногу шанси за игра на победа. Искористувајќи ја домашната подготовка после отворањето Јуриј влезе во попријатна средишница. Во текот на целата партија вршеше притисок врз својот противник, кој мораше да наоѓа одбранбени потези за да не западне во тешка позиција. Во еден момент украинскиот велемајстор, не го одигра најпрецизниот потег и му дозволи на белиот да влезе во еднаква топовска завршница, по што партијата набрзо заврши реми.

По шест одиграни кола екипата на „Алкалоид“ се наоѓа на делба на третото место. „Во седмо коло ШК „Алкалоид“ за противник ќе ја има екипата „Csm Baia Mare” и со евентуална победа повторно ќе освои медал. Другите дуели кои ќе одлучуваат во борбата за медали се: Ave Novy Bor против Odlar Yurdu и Globus против SHSM Legacy Square Capital.

<