ШК „Алкалоид“ со уште една висока победа овојпат против „Cheddleton“

Екипата на ШК Алкалоид против англискиот тим Cheddleton оствари висока победа од 5.5:0.5.

Во третото коло на првата табла настапи рускиот велемајстор Андреикин, кој играјќи со белите фигури, против најсилниот играч од противничката екипа, играше солидно и во Берлинската варијанта ремизираше без проблеми.

Најдолго играше велемајсторот Павел Елјанов, кој по 6 часовна борба успеа да го скрши отпорот на противникот. Во еднаква позиција Павел, одигра позициона жртва на квалитет со што ја закомплицира позицијата и се здоби со шанса за игра на победа. Партијата ја доби во завршница со разнобојни ловци каде што успеа да го надигра белиот.

Прв партијата, освојувајќи цел поен, ја заврши Јаковенко на третата табла. Неговиот противник одигра невообичаен систем во отворањето овозможувајќи му на нашиот велемајстор уште од самиот почеток се здобие со голема предност. Во понатамошниот дел на партијата Дмитри со сигурна игра не му даде шанса на својот противник да се надева на поволен резултат.

Интересна партија одигра кинескиот велемајстор Ју Јангји, кој ја одбра варијантата Наидорф од Сицилијанската одбрана. По завршеното отворање на таблата настана остра позиција со разнострани рокади. Сепак, разликата во квалитет се покажа одлучна и победата на црниот во ниеден момент не беше доведена во прашање.

Долгогодишниот член на Алкалоид велемајсторот Криворучко играше со белите фигури на петтата табла. Во Француска одбрана, по завршеното отворање настана комплицирана позиција, каде што двајцата противници трошеа многу време пресметувајќи ги сложените варијанти. Како поуспешен во тоа излезе Јуриј и заслужено освои цел поен.

На шестата табла интернационалниот мајстор Филип Панчевски играјќи со црни фигури се здоби со малку послаба позиција по отворањето. Во партијата се играше ретка варијанта во Филидорова одбрана поради што двајцата играчи влегоа во взаемен цајтнот. Во тие моменти македонскиот шампион нагло ја заостри позицијата и успеа да ја искористи грубата грешка на неговата противничка во 21-от потег по што набрзо ја доби партијата.


Во најголемото дерби на колото екипата на “ВШК Свети Николај Српски“ оствари минимална но, многу вредна победа против италијанскиот тим „Obiettivo Risarcimento“. Голема заслуга за оваа победа има поранешниот член на ШК Алкалоид Шахриар Мамедијаров, кој што оствари победа на првата табла. Во рускиот дуел „Sibir“ ја оправда улогата на фаворит и оствари минимална победа против „SHSM Legasy Square“. Пријатно изненади руската екипа „Жигули“ која што убедливо го победи повеќекратниот шампион во ова натпреварување, чешкиот првак, екипата на „AVE Novi Bor“

Во четвртото коло екипата на ШК Алкалоид за противник ќе ја има екипата на „Жигули”. Екипата на “ВШК Свети Николај Српски“ ќе игра против „Mednyi Vsadnik”. Првиот носител на турнирот руската екипа „Sibir“ ќе се сретне со „Odlar Yurdu” од Азербеџан.