Трета во низата победи за ШК „Алкалоид“


Третото коло од Европскиот Клупски Куп во шах донесе најнеизвесен меч и уште една победа за ШК „Алкалоид“, против екипата на „Одлар Јурду“ од Азербејџан (стартно рангирана на 9 место). Оваа екипа е составена од млади азербејџански шахисти, предводени од искусниот израелски велемајстор Сутовски, која минатата година се пласираше на високото 4 место на Европскиот Клупски Куп. Конечниот резултат 3,5:2,5 е остварен со 5 нерешени и една победа на Велемајсторот Дмитриј Андреикин со бели фигури.

Во сите пет нерешени партии се водеше упорна и долга борба, до исцрпување на објективните ресурси за игра. 

Шахистите на „Алкалоид“ кои ги водеа белите фигури (Томашевски, Андреикин и Ју), во текот на партиите имаа иницијатива, која само Андреикин успеа да ја претвори во цел поен. Паралелно, со црни фигури Јаковенко и Криворучко со одлична подготовка ги принудија противниците на подолго размислување, што доведе до реми кое не им одговараше бидејќи во тој момент ШК „Алкалоид“ веќе имаше предност во мечот. Најдолго траеше борбата на првата табла меѓу Иванчук и Сутовски, каде што Сутовски безуспешно се обидуваше да го пробие „Берлинскиот Ѕид“- (во шаховската теорија Шпанска Партија, Берлинска варијанта).

По 5 часа игра и оваа партија заврши со реми и ја потврди третата победа на ШК „Алкалоид“.На турнирската табела веќе се издвоија фаворитите, 6 тима со стопроцентен резултат („Сокар“, „Аве Нови Бор“, „Алкалоид“, „Медни Всадник“, „Сибериа“ и „Обиетиво Ризарчименто Падова“), кои во следното 4-то коло ги очекуваат меѓусебни дуели - дерби мечеви во борбата за врвот.