МЕЃУНАРОДЕН ЕКИПЕН ОНЛАЈН ШАХОВСКИ ШАМПИОНАТ НА РОМАНИЈА

Во отсуство на класични шаховски турнири поради Корона кризата шаховските федерации, клубови и организатори масовно почнаа со организирање на турнири преку интернет.

Од 12 до 14 јуни 2020 година ШК “Hannibal Chess Academy” од Романија организираше онлајн рапид турнири во категоријата Опен (машки и женски) со учесници под 8, под 10, под 12, под 14 и под 20 години и категоријата девојчиња под 10, под 12 и под 14 години. На турнирот во сите категории учествуваа 82 екипи, додека вкупниот број на шахисти беше 302. Мечевите се играа на три табли, а екипите беа составени од три играчи плус една резерва.

ШК Алкалоид на турнирот учествуваше со две екипи, составени од најдобрите јуниори на клубот. Двете екипи настапија во категоријата Опен - У20. За ШК Алкалоид на првата табла настапи најсилниот македонски јуниор ИМ Тони Лазов, на втората табла играше Филип Михов, на третата табла Ефтовски Матео, додека резерва беше Анѓелкоска Јана. За ШК Алкалоид (У16) настапија Јорданов Михаил, Звездакоски Матеј, Велкоски Стојан и Фармакоски Георг. По седум одиграни кола првата екипа на ШК Алкалоид убедливо го освои првото место со 13 меч бодови, притоа победувајќи во шест од седумте мечеви. Поединечно најмногу поени освои Михов Филип 6,5 од можни 7. Тони Лазов играјќи на првата табла освои 6 од 7 можни. Матео Ефтовски 3 поени од 4 одиграни партии, додека Анѓелкоска Јана освои 2 поени од 3 партии. Втората екипа ШК Алкалоид (У16) иако составена од јуниори под 16 години, беше распоредена да се бори во категорија јуниори до 20 години, каде што се пласираше на седмото место, со вкупно освоени 4 меч бодови. Најмногу поени освои Јорданов Михаил 2,5 од 6 одиграни партии.