ШК „Алкалоид“ загуби минимално 3.5 : 2.5 од „SHSM Legacy Square“

Во неизвесен меч, екипата на ШК Алкалоид загуби од руската екипа „SHSM Legacy Square“.

Прв својата партија ја заврши Јуриј Криворучко, кој водејќи ги белите фигури, на шестата табла,не се здоби со предност по отворањето и на почетокот на средишницата ремизираше со повторување на потези.

На петтата табла, рускиот велемајстор Јаковенко, со сигурна игра ја изедначи позицијата и без поголеми потешкотии ремизираше во топовска завршница.

Решавачкиот дуел се одигра на втората табла каде што велемајсторот Павел Елјанов во 20от потег направи тежок превид и загуби квалитет по што се здоби со безнадежна позиција и набрзо беше приморан да предаде.

Во тој момент беше јасно дека нашиот најсилен играч Динг Лирен ќе ја ремизира својата партија. Иако ги водеше црните фигури, во топовската завршица проба да го надигра својот противник, кој одигра прецизно и партијата заврши нерешено. Ваквиот расплет на настаните ги примора Андреикин Димитри и Ју Јангји во еднакви позиции да тргнат на победа за да го изедначат резултатот во мечот. Преземајќи неоснован ризик, двајцата влегоа во послаби позиции. Сепак, нивните противници не сакаа да ја ризикуваат победата во мечот и двете партии завршија со реми.

По две одиграни кола девет екипи имаат максимален број на бодови. Екипата на „Алкалоид“ во третото коло ќе се сретне со „ Valerenga Sjakklubb “ од Норвешка.