ТОНИ ЛАЗОВ ЈА ОСВОИ ТРЕТАТА НОРМА ЗА ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР


На силниот меѓународен турнир „Опен Триандриа‘‘ кој што се одржа од 29.04.2019 - 05.05.2019 во Грција нашиот ФИДЕ мајстор Тони Лазов го освои одличното второ место. Иако десетто рангиран на почетокот на турнирот, по 9 одиграни кола, членот на ШК Алкалоид освои 7 поени, притоа остварувајќи 5 победи, 4 реми без ниту еден пораз.

На турнирот настапија вкупно 96 шахисти од повеќе земји, а меѓу учесниците имаше 5 Велемајстори и 5 Интернационални мајстори. Покрај освоените 39 рејтинг поени (со што моменталниот рејтинг на деветнаесет годишниот Лазов е 2334 поени) младиот македонски шахист оствари и “перформанс” од 2452 поени со што ја освои својата трета норма за Интернационален мајстор. Првата норма за ИМ Лазов ја освои на седумнаесет годишна возраст на Европското првенство за јуниори под 18 години во Мамаја Романија во 2017, година потоа втората на Светското првенство за јуниори до 18 години кое се одржа во Порто Карас Грција во 2018 година. На Тони, покрај трите остварени норми потребнo му е само уште да освои 2400 рејтинг поени за да го официјализира освојувањето на титулата Интернационален мајстор.