Тони Лазов со втора норма за интернационален мајстор


На Светското младинско првенство, кое што се одржа во Порто Карас Грција, 20-30 Октомври 2018 година, членот на ШК Алкалоид Тони Лазов го освои вториот бал за интернационален мајстор. Настапувајќи во категоријата момчиња до 18 години, младиот Фиде Мајстор од Неготино освои 6,5 поени од 11 партии. 

Искусно предводен и подготвуван од својот тренер, ментор и воопшто еден од најсилните македонски шахисти Велемајсторот Трајко Недев, младиот Лазов имаше голема шанса за висок пласман, особено во втората половина од турнирот за дел партии што веќе им беа спремни од домашните анализи на тренерот, но изгледа младоста и преголемата желба го направија своето.

До својата втора норма Лазов стигна победувајќи го, во 9то коло, фаворизираниот велемајстор од Холандија Лукас Ван Форест. За одбележување се и нерешените дуели против велемајсторите Шевченко Кирил и Нгујен Таи Ван. После 9 одиграни кола Лазов освои 6,5 поени и беше во најсилната конкуренција за медал. Сепак, поразите во 10то и 11то коло го оддалечија така што во конечниот пласман Тони Лазов го освои одличното 23то место, иако стартуваше како 47-мо рангиран шахист на турнирот.

Во македонската експедиција од  ШК Алкалоид предводени од ВМ Трајко Недев  на Светското првенство во помлади категорија настапија и се бореа и останатите наши најдобри јуниори и тоа:

Кристијан Велковски во категорија момчиња до 16 години (освои 4 поени од 11 партии)

Матеј Звездакоски во категорија момчиња до 14 години (освои 4 поени од 11 партии)

Ефтовска Леа во категорија девојчиња до 16 години (освои 4 поени од 11 партии).