ВЕЛЕМАЈСТОРОТ ЗВОНКО СТАНОЈОСКИ ПОБЕДНИК НА ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2019 ГОДИНА


Велемајсторот Звонко Станојоски победи на Отвореното Првенство на Македонија за 2019 година што се одржа од 24 до 30 август во хотел Метропол, Охрид. Велемајсторот од Прилеп и долгогодишен член на ШК Алкалоид, до победата стигна убедливо освојувајќи 8 поени, од 9 партии, без пораз.

Овој турнир воедно има и квалификационен карактер за Шампионатот на Македонија во 2020 година кој се игра по Бергер систем. Шахистите на ШК Алкалоид доминираа на Првенството! Второто место му припадна на новиот член на сениорската екипа на ШК Алкалоид, Фиде мајсторот Тони Лазов од кој освои 7 поени и ја надмина границата од 2400 рејтинг поени со што го исполни и последниот критериум за титулата Интернационален мајстор. Исто толку поени освои и Никола Николовски (член на ШК Гамбит Ассеко СЕЕ, но поради подобар дополнителен критериум на Лазов му припадна второто место. Четвртото место го освои членот на ШК Алкалоид Филип Михов, кој заедно со Лазов и Николовски се квалификува за шампионатот во 2020 година. За одбележување се резултатите на помладите јуниори од ШК Алкалоид, пред се на шеснаесетгодишниот Михаил Јорданов кој освои 5,5 поени и го подели четвртото место, освојувајќи нови 70 рејтинг поени. Голем „скок‘‘ во својот рејтинг направи и четиринаесет годишниот Матеј Звездакоски кој заработи нови 57 рејтинг поени.