Формирање на клубот
Шаховскиот клуб е формиран 1976 година, по завршување на тогаш традиционалниот и мошне силен меѓународен шаховски турнир „Средба на солидарноста“ кој се одржувал во Скопје и во организација на ШСМ (Шаховскиот сојуз на Македонија). Учесниците на турнирот биле примени во официјална посета во Алкалоид, а по посетата тогашниот светски шампион Анатолиј Карпов одиграл и симултанка со вработени од Алкалоид (на сликата подолу).
Слика:Симултанка на светскиот првак Анатолиј Карпов во Алкалоид, Скопје 1976
Краток историјат на клубот
Во Алкалоид пред формирањето функционираше силна аматерска шаховска секција (Симеон Јошевски, Перо Георгиев, Стојан Стојанов, Венцислав Илин), па на иницијатива на дел од нив се формира шаховскиот клуб Алкалоид. Поддршка за формирањето добиваат од Управата на фабриката, по што следи и регистрација во ШФМ.
Прв претседател на клубот е Гоце Димитров, прв секретар е Симеон Јошевски. По формирањето, клубот започнува подготовки и настапи во системот на екипни натпревари во тогашна СФРЈ, а постепено се формира и екипата со перспективни млади шахисти од Македонија.
Клубот доживува ренесанса со поставување стратешки цели и исклучителен развој со доаѓањето на Трајче Мукаетов за претседател, кој во 1985 година е назначен за генерален директор на Алкалоид. Поддршката на клубот од страна на Алкалоид АД продолжува со подигнување на целите и вградување на корпоративниот „алкалоидов ген“ и во шаховскиот клуб, а шахот во Македонија почнува да се препознава преку резултатите на Алкалоид и неговите играчи.
До 1991 година клубот се натпреварува во системот шаховски натпревари на тогашна СФРЈ, притоа со брзи чекори остварувајќи го планот да стане еден од водечките клубови во втората лига, така што на последната Втора југословенска лига (пред распадот на СФРЈ постоеја две втори лиги, Исток и Запад) Алкалоид завршува на втората позиција во тогашната Втора лига исток, но за жал (поради распадот на СФРЈ) остана неостварена следната цел – пласман и борба со најдобрите југословенски клубови во тогашната Прва лига (единствена) која важеше за една од најсилните лиги во светот.
Во 1990 година клубот го организира првиот меѓународен затворен (позивен) турнир и во следните пет години го зголемуваше квалитетот, овозможувајќи им шанса на своите играчи можност за освојување рејтинг и титули (балови) за меѓународни титули.
Во периодот од осамостојувањето на Македонија, како шампион на Македонија во екипна конкуренција Алкалоид добива шанса за настап на Европскиот клупски куп, кој до 1999 година се игра со неколку квалификациони (полуфинални) и една финална група.
Со промената на системот на натпревари за добивање екипен шампион на Европа, Европскиот клупски куп од 2000 година се игра како еден турнир на кој настапуваат најдобрите европски екипи. Алкалоид настапува на првите 10 Европски клупски купови (2000 – 2009) година, остварувајќи притоа петпати пласман, т.е. делба меѓу првите 10 тимови.
Во 2007 година спонзорот ги подигнува амбициите на клубот на повисоко ниво, со цел пласман во следниот тригодишен период меѓу првите пет во Европа. И веќе првата година до петтото коло Алкалоид е на водечка позиција со победи во сите мечеви, но не успева во последните три кола. Веќе во 2009 година Алкалоид го постигна својот најдобар пласман на Европскиот клупски куп, делба на петтото место во Европа, иако до шестото коло Алкалоид беше на чело на табелата со победи во сите мечеви – но во последните две кола пропушти голема шанса за повисок пласман.
Клубот веќе станува не само препознатливо име меѓу сите кои го пратат спортот и шахот, туку и европски бренд на европската шаховска мапа, клуб за кој настапуваа покрај домашните најдобри и врвни европски и светски играчи. Алкалоид АД Скопје како познат европски бренд, успеа и во спортот, како спонзор, да го етаблира шаховскиот клуб, промовирајќи ја Македонија на натпреварите (екипни и индивидуални) на кои настапуваа клубот и играчите.
Во следниот петгодишен период (2010 – 2014 година) клубот ја менува својата стратегија и се ориентира кон развој на јуниорски шах, овозможувајќи им и спонзорирајќи ги своите играчи да отворат јуниорски шаховски школи, со што овозможува повторно формирање на широка база шаховски јуниори од кои неколку веќе постигнуваат не само одлични резултати на јуниорски државни и европски натпревари, туку и во повисоки категории, исполнувајќи ги притоа предвреме поставените годишни клупски цели. Интересен е резултатот на Тони Лазов на Отвореното сениорско државно првенство на Македонија 2012 година, кога на 12-годишна возраст се пласира на четвртото место во борба со многу постари и поискусни противници.
Во 2015 година Алкалоид се враќа на европската сцена, но сега со цел пласман меѓу три најдобро пласирани екипи, формирајќи тим кој ќе се бори за највисок пласман на Европскиот клупски куп за 2015 година, кој ќе се одржи во Скопје оваа година.
Резултатите на клубот се импозантни, многу шампионски титули како во екипна така и во индивидуална конкуренција, како во сениорски така и во јуниорски категории, како во машка така и во женска конкуренција. Долги години играчите на клубот се носители на македонските репрезентативни селекции (во машка, женска и јуниорска категорија).
Играчите на клубот имаат огромна колекција на титули: неколку индивидуални европски и олимписки медали, победи на меѓународни турнири, многу шампионски државни титули во сите конкуренции (сениорска/јуниорска, машка/женска).
Покрај спонзорирањето на клубот, Алкалоид АД активно учествува со претставници во органите и телата во ШФМ (Шаховската федерација на Македонија), учествува и со спонзорирање на ШФМ, активно помагајќи во развој и унапредување на шаховската игра во Македонија.
Стратегија на развој на јуниорскиот шах
Со петгодишната стратегија од 2009 година клубот комплетно се преориентира кон развој на јуниорскиот шах, имајќи ја предвид неопходноста за градење нови генерации силни шахисти кои понатаму ќе продолжат да го промовираат клубот, Македонија и шаховската игра.
Клубот секоја година изготвува програма и цели, со спонзорство и организациска поддршка за функционирање на шест шаховски школи кои ги водат македонски врвни шахисти (со тренерски лиценци од ФИДЕ како Светска шаховска организација) во повеќе градови во Македонија: Неготино (велемајсторот Трајко Недев); Прилеп (велемајсторот Звонко Станојоски); Скопје (школите на велемајсторите Драгољуб Јаќимовиќ и Влатко Богдановски, и школата на интернационалниот мајстор Дејан Стојановски); како и во Струга (женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска).
Стратегијата опфаќа долгорочна континуирана работа со млади шахисти, со програма и материјали дефинирани од страна на клубот, финансиска поддршка и при настап на турнири во земјата и странство како и настап на европски и светски јуниорски шампионати; активно пратење на развојот на секој јуниор посебно, нивни учества на турнири, планирање годишни настапи и цели.