Титулата е одбранета: шахистите на Алкалоид повторно до шампионскиот наслов!

Ова е вкупно 26. шампионска титула за ШК Алкалоид од 1992 година до денес, а  дванаесетта освоена едноподруго!

Со освоени максимални 16 бода од осум меча, ШК Алкалоид е на првото место во Екипното првенство на Македонија во шах за 2024 година, додека, пак, второпласираниот ШК Гамбит Асеко СЕЕ има 14 бодови. Во согласност со ждрепката, титулата беше освоена на едно коло пред крајот бидејќи ривалите беа слободни во последното 9. коло и немаа теоретска можност да го спречат славјето на фармацевтите.
По бурниот старт на шампионатот, со победа во дерби-мечот во првото коло, ждрепката сакаше во финишот на првенството фармацевтите да имаат распоред според кој ќе се сретнат со екипите од втората половина на табелата. Така, во 7. коло беше совладан ШК Штајниц со 5,5 : 0,5, додека, пак, во 8. коло беше надигран ШК Пелагон со 5 : 1. На крајот, титулата беше запечатена со уште една победа од 5 : 1 во 9. коло против ШК Шкупи.
 
Благодарение на ваквиот распоред, капитенот на екипата ВМ Влатко Богдановски, покрај на двајцата велемајстори од Србија, Инѓиќ Александар и Ивиќ Велимир, имаше можност да им даде шанса и на сите други играчи од составот: ВМ Трајко Недев, ИМ Дејан Стојановски, ИМ Филип Панчевски, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Тони Лазов, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ВМ Роландо Кутиров, Филип Михов и Михаил Јорданов, кои ја оправдаа довербата бидејќи од вкупно 48 партии се остварени 32 победи и 15 ремија. 
 
– Пред стартот на турнирот видовме исклучителна желба кај ривалите да играат за титулата, поради што моравме да се мобилизираме и да се ангажираме, што е сосема спротивно од она кога сме доаѓале да играме како најголеми фаворити. Ждрепката сакаше да имаме меч за титула во првото коло, кој го добивме, а тоа донесе извесна леснотија во натамошниот дел од првенството. Имавме доста разнолик состав, во кој имаше и повозрасни играчи, но и помлади. Новите концепции во рамките на ШК Алкалоид (тука, пред сѐ, мислам на формирањето на ШК Мулти Есенс) веќе земаат замав и се надевам дека резултати од таквите промени ќе видиме наскоро, на особено задоволство на сите нас кои инвестираме во младинскиот шах – изјави ВМ Влатко Богдановски.
 
И женската екипа на ШК Алкалоид, во состав ЖФМ Моника Стојковска, ЖИМ Габриела Коскоска, Весна Секуловска и Леа Ефтовска, заедно со двете шахистки од Грузија, ВМ Бела Кхотенашвили и ИМ Саломе Мелиа, имаше одличен настап на Екипното првенство, при што по седум кола со 13 бода го делеше првото место со МШК Центар. Бидејќи двата тима имаа по шест победи, а меѓусебниот дуел заврши нерешено, одлучуваше дури третиот тај брејк параметар, односно бројот на поединечни поени, според кој фармацевтките го добија пехарот за второ место. 
 
– За да победиш, понекогаш е потребно и малку спортска среќа, а тоа ни недостигаше. Имавме добра игра, но на крајот испуштивме една шанса за победа во последниот меч и тоа им овозможи на ривалките да останат непоразени, а благодарение на тај брејкот да стигнат и до титулата. Им честитам на сите кои учествуваа бидејќи го дадоа својот максимум – рече ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на женската екипа.
 
Од идната година во најквалитетното екипно натпреварување во државава ќе се приклучи и ШК Мулти Есенс, новиот тим кој функционира под закрила на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје, а кој на почетокот од јули беше второпласиран во рамките на мечевите од Втората лига. За овој клуб ќе настапуваат младинците од Шаховската школа, со што ќе биде продолжен и унапреден нивниот развој како играчи преку дуелите во сениорска конкуренција од екипното првенство со највисок ранг.
 

Фото: Архива на ШК ШК Алкалоид