ШК „АЛКАЛОИД“ УБЕДЛИВО ПРОТИВ „ЈЕЛИЦА ПЕП“

Екипата на ШК Алкалоид продолжи со успешна игра и извојува висока победа против младите шахисти од Јелица ПЕП од Србија.

Велемајсторот Трајко Недев ја донесе првата победа за Алкалоид. Со бели фигури во отворањето теоретски го надигра својот противник и стекнатата предност ја реализираше без поголеми проблеми

Набрзо потоа на четвртата и петтата табла Криворучко и Ју ги принудија на капитулација своите противници за водство од 3:0 за екипата на Алкалоид. Во исклучително остра позиција при разнострани рокади, водејќи ги црните фигури, украинскиот велемајстор ја демонстрираше разликата во класа и недавајќи му шанса на противникот стигна до целиот поен. Кинескиот велемајстор Јангји со бели фигури одигра одлична партија недавајќи му на противникот во ниту еден момент шанса да ја изедначи позицијата.

На првите три табли борбата беше многу понеизвесна и подолга. Првата табла на украинската репрезентација Павел Елјанов за противник го имаше еден од најталентираните српски играчи 16 годишниот Вук Ѓорѓевиќ. По отворањето Елјанов се здоби со голема временска предност и попријатна позиција. Сепак противникот со трпелива одбрана успеа да ја изедначи позицијата. Меѓутоа, на крајот неговата концентрација попушти и по грубиот превид во 31-от потег ја загуби партијата.

На втората табла велемајсторот Андреикин не одигра на своето вообичаено ниво, но со исклучителна борбеност успеа да ја спаси партијата.

Најдобриот кинески играч велемајсторот Динг Лирен покажа зошто е 13-ти играч во светот во моментов. Во долга борба, демонстрирајќи извонредна техника, навидум еднаквата и едноставна завршница успеа да ја доведе до победа.

Во останатите мечеви, сите фаворити за највисок пласман остварија победи. Со третото коло започнуваат и првите меѓусебни дуели на најдобрите:

Obiettivo Risarcimento“ – “ВШК Свети Николај Српски“
„SHSM Legasy Square“ – „Sibir
„Жигули“ – „AVE Novi Bor“

Екипата на ШК Алкалоид за противник ќе ја има екипата на „Cheddleton”