ШК „Алкалоид“ со златна ЕКК 2016 во Нови Сад

НАСТАНИ

ШК „Алкалоид“ со златна ЕКК 2016 во Нови Сад

Историски успех во македонскиот шах

Историски успех во македонскиот шах

„Шахот е спорт со неверојатна количина скриени емоции, кои мора да најдеш сили ги потиснеш додека трае настанот. Според некои, тоа е спорт при кој се лачи најмногу адреналин во организмот. Така и ние, денот на седмото – последно коло го поминавме во еден вид континуиран, но контролиран стрес. Од 2009-та, преку 2015-та година во Скопје, па сé до Нови Сад 2016, притаено го сонувавме пехарот. Два пати беше толку блиску, на дофат… и во еден, буквално еден потег ни избега. Овој пат, се потврди изреката дека „Среќата ги прати силните“. Среќа всушност беше дека нашите шахисти одиграа како што умеат, не се случи ниедна груба грешка, ниту еден превид. На почетокот ни рекоа: „Имате одлична екипа – нема ниедна ѕвезда, но немате ниедна слаба точка“. Секој потег, од сите партии на нашите играчи, но и на конкурентите го доживувавме и преживувавме, го коментиравме меѓу себе, со една мисла: да бидеме дел од историјата, да бидеме присутни во моментот кога „Алкалоид“ ќе ја понесе титулата Европски Клупски Првак! Толку многу позитивни мисли и емоции даваат неверојатна синергија. Најубавото во екипните натпревари е дека имаш со кого да ја споделиш радоста!!! Во моментот кога некој излезе од салата и кажа готово е, први сме, тоа беа минути на чиста, апсолутна среќа. За сé друго, на сите им велев – Дозволете ми да го поживеам овој момент, ова не се повторува, ова чувство е само сега!“

Лидија Софревска – Андонова, Секретар на ШК „Алкалоид“

 

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ триумфираше на престижниот „Европски Клупски Куп 2016“ во Нови Сад, освојувајќи златен медал во исклучително силна конкуренција на европската и светска шаховска елита. Со овој историски триумф, најуспешниот македонски шаховски клуб достојно ја одбележа 40-годишнината од своето постоење. „Имавме многу тежок меч кој буквално значеше сé или ништо за крајниот резултат на овој елитен шаховски собир. Со максимална приземност, висока концентрација и непоколеблива борбеност успеавме да ремизираме на сите 6 табли, со што за прв пат се закитивме со злато, кое ќе остави длабока трага во историјата на македонскиот шах“, истакна по победата во Нови Сад капитенот на ШК „Алкалоид“, ВМ Драгољуб Јакимовиќ. Европскиот Клупски Куп (ECC, European Club Cup), познат уште и како Куп на шампиони во шах, е најсилното клупско шаховско натпреварување. Сите европски држави се застапени со своите најсилни екипи, засилени со шахисти од целиот свет.

 

 

ШК „Алкалоид“ го прослави триумфот и 40-тиот јубилеј

Во кругот на блиските соработници, ШК „Алкалоид“ на пригодна свеченост го одбележа освојувањето на европската круна на престижниот Куп на шампиони во шах, но и 40-годишнината од своето постоење. „За да се успее на едно вакво натпреварување, неопходни се многу работи, но би издвоил три како клучни. Прво добар спонзор, кој ние за среќа го имаме, второ – беспрекорна организација, за што спонзорот ни помогна во огромна мера и трето, изборот на шахисти, бидејќи не секогаш најдобрите во светот можат да донесат титула во клупска конкуренција.

Горди сме што го направивме вистинскиот избор, а уште повеќе што до титулата стигнавме со двајца македонски шахисти во тимот. „Алкалоид“ како компанија, а исто така и како шаховски клуб, не застанува и ќе се обиде да оди уште понапред,“ истакна селекторот на ШК „Алкалоид“, Никола Димовски. Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов изрази огромно задоволство и честитки за историскиот успех на клубот, потенцирајќи дека сега Македонија има европски шампион и сите се многу горди на тоа.

„Пресреќен сум што сме тука вечерва заедно да прославиме еден огромен успех. Во годината во која „Алкалоид“ како компанија прославува 80 години од своето постоење, а шаховскиотклуб 40-годишнина, остваривме историски успех со освоената титула. Пред себе имавме петгодишен план во кој како крајна цел ја зацртавме европската титула, и самиот сум изненаден што дојдовме до неа нешто порано од очекувањата, но тоа ја прави радоста поголема“, истакна Мукаетов.

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е формиран во 1976 година како фабрички спортски клуб. Суштински пресврт во својот развој, од фабрички во клуб со цврста визија, беше љубовта кон шахот и вниманието кое на овој спорт му го посвети Трајче Мукаетов, кој ги постави темелите на клубот на една цврста основа.