Шахистите на ШК Алкалоид Европски вицешампиони во 2024 година!
Со овој резултат ШК Алкалоид се вбројува меѓу најуспешните екипи на „шаховската Лига на Шампиони“ во последните десетина години, и најуспешните спортски колективи во нашата држава.
Во периодот од 19-27 октомври во Врњачка Бања, Србија се одиграа 39–от Европски клупски куп и 28–от Европски клупски куп во женска конкуренција. На отворениот турнир настапија 84 екипи што претставува рекорден број на учесници на ова елитно шаховско натпреварување. Турнирот, вообичаено, се играше по швајцарски систем од 7 кола.
По пауза од две години ШК Алкалоид повторно со силен состав атакуваше на шампионскиот трофеј. Екипата Алкалоид беше составена од комбинација на македонски, индиски, кинески и српски шахисти. На првата табла настапи, треторангираниот шахист во светот, ВМ Еригаиси Арџун 2797 рејтинг поени, на втората и третата табла играа кинеските велемајстори Веи Ји 2763 рејтинг поени и Ју Јангји 2711 рејтинг поени, на четвртата и петтата младите индиски велемајстори Аравиндтх Читамбарам 2698 рејтинг поени и Нараианан С.Л. 2640 рејтинг поени. На шестата табла настапи Инџиќ Александар 2620 рејтинг поени. Како резервни играчи настапија ВМ Ивиќ Велимир 2610 рејтинг поени и ИМ Панчевски Филип 2410 рејтинг поени. Капитен на екипата беше истакнатиот македонски Велемајстор Влатко Богдановски.
Во првите две кола македонскиот шампион оствари убедливи победи против екипата „Wasa SK” од Шведска со 5,5 – 0,5 и чешката екипа „ŠK K CERO INVEST Nitra“ со 6 – 0.
Во третото коло Алкалоид за противник ја имаше незгодната екипа „Beer Sheva” од Израел составена од млади шаховски надежи и некои од најдобрите светски шаховски тренери, поранешни силни играчи. Иако важеше за голем фаворит Алкалоид победи во мечот со минимален резултат 3,5-2,5. Решавачка беше победата на Еригаиси против неговиот поранешен тренер ВМ Микхалевски Виктор.
Во четвртото коло Алкалоид го одигра својот прв дерби меч на турнирот против шестиот носител екипата „TAJFUN-ŠK” од Словенија. Овој меч исто така заврши со минимална победа на нашата екипа од 3,5-2,5. Решавачките беа победите во индиско – хрватскиот дуел на четвртата и петтата табла. Аравиндтх со црни фигури го победи поранешниот европски шампион ВМ Шариќ Иван, додека Нараианан беше подобар од ВМ Бркиќ Анте. Веи Ји на втората табла загуби против ВМ Нордибек Јакубоев, кој го освои златниот медал за најдобар перформанс на втората табла. Останатите три партии завршија со реми.
Вистинска драма се случуваше во петтото коло каде што Алкалоид за противник ја имаше силната екипа „Turkish Airlines” од Турција. На сите табли се водеше голема и неизвесна борба, а ситуацијата во мечот се менуваше од час во час. Првиот поен за Алкалоид го донесе Ју Јангји против Табатабаи Амин. Потоа следуваше победата на Еригаиси против ВМ Адреикин кој многу години настапуваше за нашата екипа на екипните Шампионати на Македонија и Европските клупски купови. Со оваа победа младиот индиски велемајстор постигна историски резултат, стана само 15от шахист во светот кој ја поминал границата од 2800 рејтинг поени. Набрзо следуваа нерешените резултати на Ивиќ против шестнаесет-годишниот ВМ Гурел Елдиз и Аравиндтх кој во партија со многу пресврти, на крајот успеа да „спаси” половина поен. Во овој момент Алкалоид имаше предност од 3-1 со што осигура барем еден бод во мечот. На втората табла Веи Ји не успеа да одбрани послаба позиција против силниот ирански Велемајстор Магсудлу. На петтата табла Нараианан се здоби со перспективна позиција по отворањето против велемајсторот Мурзин Володар. Во средишницата направи превид и дојде во изгубена позиција која што со многу напор успеа да ја претвори во реми завршница. Кога сите мислеа дека и овој меч ќе заврши со минимална победа за Алкалоид, индискиот велемајстор направи неколку грешки по што ја загуби партијата и мечот заврши нерешено 3-3.
Шестото коло донесе уште еден дерби дуел, овојпат, помеѓу Алкалоид и двократниот Европски првак „Novy Bor” од Чешка. Чешката екипа е редовен учесник на најсилното шаховско екипно натпреварување и секогаш е еден од фаворитите за освојување на медал. Важи за еден од најуиграните тимови со одлична атмосфера помеѓу тимските колеги што е многу битен фактор во екипните натпреварувања. Во овој меч македонскиот шампион влезе со еден бод помалку од својот противник. „Novy Bor” имаше максимални 12 бода додека Алкалоид ја предводеше групата на екипи со по 11 бода. Индиското дерби Видит – Еригаиси) на првата табла заврши после долга борба со реми. Веи Ји се поврати и после двата порази успешно се спротистави на Винсент Кејмер, – и оваа партија заврши со реми. Ју Јангји долго се обидуваше против искусниот Харикришна, западна во критична позиција, но на крајот и оваа партија заврши нерешено. Аравиндтх во одреден момент имаше предност против Навара, но не успеа да ја реализира. Инџиќ , на петтата табла, со црни фигури го совлада шпанскиот Велемајстор Антон Гуијаро Давид, додека Ивиќ загуби против Нгујен Таи Даи Ван од Чешка. Така, мечот по голема борба заврши нерешено 3-3. Ова беше и дерби мечот за целиот турнир, а нашиот ривал остана со поен предност пред мечевите од последното коло. Во решавачкото седмо коло Алкалоид за противник ја имаше екипата „C’Chartres Echecs” од Франција која што ја совлада со убедливи 5–1. Еригаиси и Нараианан водејќи ги црните фигури ремизираа на првата и петтата табла. Веи Ји, Ју Јангји, Аравиндтх Читамбарам и Инџиќ Александар освоија цел поен.
Шахистите на Алкалоид освоија и неколку индивидуални медали за перформанс по табли. Еригаиси на првата табла направи перформанс од 2820 поени и го освои златниот медал. Ју Јангји на третата одигра со перформанс од 2799 поени и исто така се закити со злато. На четвртата табла трет најдобар перформанс од 2778 поени оствари Аравиндтх Читамбарам освојувајќи бронзен медал. Александар Инџиќ го имаше најдобриот перформанс од 2758 поени на шестата табла.
Во конечната табела, по седум одиграни кола, сосема заслужено победи екипата на „Novy Bor” со освоени 13 меч бодови, еден повеќе од ШК Алкалоид. Третото место со освоени 11 бодови го поделија четири екипи. До бронзата стигна тринаесетто рангираната екипа „Vados” од Романија која претставува најпријатно изненадување на турнирот.
Заедно со златниот медал во 2016 година во Нови Сад, Србија и сребрениот медал во 2017 година од Анталија, Турција ова е трет медал за Алкалоид на шаховската Лига на Шампиони.
Во женска конкуренција настапија 18 клубови. Клупски шампион на Европа стана екипата „TAJFUN-ŠK” од Словенија со 12 меч бода, пред „Garuda Ajka BSK” од Унгарија со 11 меч бодови на која и припадна сребрениот медал. „SuperChess Club” од Романија го освои третото место со 10 меч бодови .