АЛКАЛОИД со максимален резултат во второто коло на Европскиот шаховски клупски куп

ШК Алкалоид продолжи, со максимална победа 6:0 против шампионот на Словачка, екипата „ŠK K Cero Invest Nitra“, на Европскиот шаховски клупски куп.

 Велемајсторот Александар Инѓиќ, на шестата табла прв ја започна серијата победи за нашиот тим, во средишницата ја искористи позиционата грешка на противникот и рутински го совлада на шестата табла Матришка Петер. Веднаш потоа, следеа победите на Еригаиси Ајрун и Ју Јангји, така да Алкалоид по само 2 часа и половина поведе во мечот со 3:0.

На првата табла Велемајсторот Еригаиси Ајрун се реши за необично отварање, Игра на Дамин пешак, против Интермајсторот Филип Харинг. Многу брзо ја потврди разликата во класа, создавајќи голема предност со белите фигури по само петнаесетина потези, и рутинирано ја претвори во победа.

Во партијата на третата табла, противникот на Ју Јангји се обиде со ризично, гамбитно отварање да го изненади, но кинескиот велемајстор се покажа подготвен и многу брзо се здоби со решавачка предност.

Велемајсторот Читамбарам со црни фигури, на четвртата табла, во остра позиција од Сицилијанската одбрана тактички го надмудри својот противник.

На петтата табла, Велемајсторот Нараунан со бели фигури во Шпанска партија, со позиционо маневрирање го надигра противникот и оствари победа.

Последен својата партија ја заврши Веи Ји, со сигурна игра и полека градејќи предност ја комплетира максималната победа на Алкалоид.

Во второто коло сите фаворити продолжија со високи победи, и во третото коло 18 екипи влегуваат со максимални 4 бода.

Следен противник на нашите шахисти е екипата “Beer Sheva Chess Club” од Израел, која e долгогодишен редовен учесник на Европскиот Клупски Куп. Меѓусебните дуели во минатото завршуваа со позитивен резултат за Алкалоид.