ЕКИПНИОТ ШАМПИОНАТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ЖЕНИ…

Екипниот Шампионат на Северна Македонија за жени се одржа 25-31 август. За првпат се играше на 4 табли, со можност за настап на максимум две странски шахистки во меч. Организиран на ист принцип како машкиот шампионат, 8 екипи играа по кружен систем секој со секого. Сите екипи ја искористија можноста и беа засилени со по две странски шахистки (освен една) што допринесе ова да биде многу силен и изедначен турнир!

Екипата на ШК Алкалоид многу убедливо го освои првото место, со максимални 14 меч бодови (од 7 меча), 5 повеќе од второпласираната екипа на „МШК Центар“. За одбележување е пласманот на екипата на „ГШК Неготино“ на третото место.

Во составот на ШК Алкалоид настапија:

ИМ Екатерина Аталик (Турција), ИМ Ирина Булмага (Романија), женски ФМ Моника Стојковска, женски ИМ Габриела Коскоска, Јана Анѓелкоска и Леа Ефтовска.

Екипата на ШК Алкалоид во 2021 година, кога одбележуваме 45 години од основањето на клубот, освои двојна круна на екипните натпревари. Шампиони во машка и во женска екипна конкуренција!

Континуирана посветеност на ШК Алкалоид кон поддржување и на женскиот шах, резултираше со овој одличен резултат. Во екипата немаше слаба точка, сите шахистки од екипата на Алкалоид имаа успешен настап. Во мечот што го решаваше победникот на турнирот, во петтото коло убедливо со 3:1 славеше победа над екипата на „МШК Центар“ која во конечниот пласман е второпласирана.

За одбележување е одличниот перформанс на стандардните државни репрезентативки Моника Стојковска (6,5 поени од 7 партии) и Габриела Коскоска (5,5 поени од 6 партии). Поради пандемијата и работните обврски двете со многу малку можности за претходно уигрување покажаа сигурна игра, надмоќна во однос на противничките.

Јуниорката Јана Анѓелкоска дебитираше со победа во сениорската женска екипа во мечот против Гамбит Асеко-СЕЕ, а двете, заедно со Леа Ефтовска се голем потенцијал за женскиот шах и нивното време допрва доаѓа.