Европскиот Клупски Куп (ECC, European Club Cup) е најсилното клупско шаховско натпреварување. Сите европски држави се застапени преку своите најсилни клубови, засилени со шахисти од целиот свет. Шаховскиот клуб Алкалоид е најуспешниот клуб во историјата на шаховската игра во Македонија, кој со години е главен столб и на државните репрезентации. Клубот функционира во континуитет од 1976 година, под спонзорство на Алкалоид АД, преточувајќи го корпоративниот начин на функционирање (организација, сигурност, успешност) и во клубот. Алкалоид изгради моќен и препознатлив европски шаховски бренд, со силни играчи и сигурна организација. Согласно долгорочната стратегија, клубот од 2010 година се фокусира кон развој на јуниорскиот шах.
Во периодот 2000 – 2009 година клубот настапи на сите 10 Европски клупски купови, со пет пласмани на делба на место со првите 10 екипи. Највисокиот резултат е делба на 5-11 место во 2009 година. Во периодот 2010 – 2014 година клубот се ориентираше кон јуниорскиот шах и паузираше од настапи на Европскиот клупски куп. На Европскиот Клупски Куп кој се одржа 17-24 Октомври 2015 година во Скопје, ШК Алкалоид го оствари својот највисок пласман до тогаш, 5 место, освоени 10 бода од 7 мечеви.
Во 2016 година ШК Алкалоид го оствари најголемиот успех во својата историја – со победа на Европскиот Клупски Куп ја понесе титулата Европски Шампион! Турнирот се одржа 06-12.11.2016 во Нови Сад, Србија. Алкалоид за прв пат освои 12 бодоови (5 победи и 2 нерешени меча, без пораз!). Европското клупско злато е освоено во годината кога одбележавме 40 години од формирањето на клубот.
Во 2017 година клубот продолжи со одличен настап на Европскиот Клупски Куп. Во Анталија, Турција 07-15.10.2017 година, екипата на ШК Алкалоид го освои второто место, вице-шампионската позиција. Исклучителниот екипен резултат со освоени 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз), беше комплетиран со четири златни и еден сребрен медал за индивидуални резултати по табли: Ding Liren сребро на прва табла, Dmitry Andreikin злато на трета, Yu Yangyi злато на четврта, Dmitry Jakovenko злато на петта и Yuriy Kryvoruchko злато на шеста табла.
Во 2018 година Европскиот Клупски Куп се одржува во Порто Карас, Грција. Во конечниот пласман Алкалоид се наоѓа на делба на третото место, шесто според дополнителен критериум. Шахистите на Алкалоид на турнирот остварија одлични резултати по табли: Динг Лирен освои златен медал на првата табла (пред Светскиот шампион Магнус Карлсен), на втората табла Ју Јангји освои сребрен медал, Јаковенко Дмитри играјќи на четвртата табла го освои сребрениот медал
Во 2019 година на Европскиот Клупски Куп кој што се одржа во Улцињ, Црна Гора Алкалоид го освои четвртото место. На прва табла ВМ Мамедијаров Шахриар од Азербеџан имаше најдобар резултат и го освои златниот медал, додека ВМ Ковалев Владислав од Белорусија го освои сребрениот медал на шестата табла.
Во 2021 година Европскиот Клупски Куп се одржа во Струга, Македонија. Алкалоид се пласираше на осмото место. Мамедијаров Шахриар играјќи на првата табла повторно одигра одличен турнир освојувајќи го бронзениот медал. ВМ Инаркиев Ернесто од Русија го освои сребрениот медал на петтата табла. На шестата табла ВМ Предке Александр од Русија, во својот прв настап за ШК Алкалоид го освои златниот медал.