Европското Јуниорско Првенство Мамаја, Романија
Во периодот од 5 до 19 септември во Мамаја Романија се одржа Европското Јуниорско Првенство на кое настапија пет членови на ШК Алкалоид.
Во конкуренција на момчиња до 18 години настапија Лазов Тони и Михов Филип.
Фиде мајсторот Лазов турнирот го заврши со 5 поени од 9 партии и со тоа ја освои првата норма за Интернационален мајстор !!. Турнирот го започна со победа играјќи против првиот фаворит на турнирот Велемајсторот Мартиросијан Хаик 2570 од Ерменија. Потоа следеа 3 реми партии против доста посилни противници, за во петтото коло да ја извојува втората победа комплетно надигрувајќи го својот противник. Следните три партии после борбена игра и пресврти завршија нерешено. Во шестото коло Лазов ремизираше во подобра позиција против хрватската голема надеж Интернационалниот мајстор Пленка Јадранко, кој на крајот освои сребрен медал. После осумте одиграни кола, членот на ШК Алкалоид го надмина потребниот перформанс и го освои својот прв бал за интернационален мајстор, без разлика на резултатот во 9-тото коло. И покрај огромната желба во последното коло Тони го доживеа првиот пораз и со тоа ја загуби можноста за пласман во ТОП 10. На крајот заврши на 25-то место (19 места повисоко од стартниот ранкинг!) освојувајќи норма за Интернационален мајстор и нови 40 рејтинг поени. Ова е одличен резултат и само уште една потврда дека во Македонија веќе израсна после подолг период нова силна јуниорска генерација.
Нашиот втор претставник во категоријата до 18 години Михов Филип, исто така имаше успешен турнир, иако заврши на 60то место (шест места повисоко од стартниот ранкинг). Филип извојува победи против неколку осетно посилни противници и го подобри го својот рејтинг дури за 62 поени !
Во категоријата момчиња до 14 години настапи Кристијан Велковски, кој што освои 4,5 поени од 9 партии и иако беше рангиран како 109ти играч на турнирот, успеа да го освои 57то место. Според прикажаната игра Кристијан можеше да се пласира и многу повисоко на конечната табела. До 7-то коло Кристијан беше меѓу топ 20 и сите навиваме и се надевавме дека ако продолжи со ваквата игра, има голема шанса да биде дури меѓу топ 10. За жал ги загуби двете последни партии, но сепак со постигнатото потврди дека е во група со најперспективните јуниори и доколку посветено работи на шахот резултатите неизоставно ќе дојдат.
Во категоријата девојчиња до 14 години настапи Анѓелковска Јана која освои 2,5 поени и заврши на 75 место.
Цапевски Иван настапи во категоријата момчиња до 12 години и освои 2,5 поени завршувајќи го турнирот на 128то место.