Завршија поединечните првенства на Македонија за 2022 година Филип Панчевски и Моника Стојковска ги освоија шампионските титули !

Во периодот од 29 април до 05 мај, во хотел Континентал во Скопје се одржаа поединечните државни првенства на Македонија во машка и женска конкуренција.

Шахистите на Алкалоид убедливо ги освоија двете шампионски титули!

На Отвореното првенство на Македонија настапија 59 учесници, од кои тројца Интернационални мајстори и пет Фиде мајстори. Турнирот се играше во 9 кола по Швајцарски систем. Победник на турнирот е Интернационалниот мајстор Филип Панчевски член на ШК Алкалоид, кој сигурно и успешно ја оправда улогата на фаворит. До својата шеста титула македонскиот репрезентативец стигна убедливо, освојувајќи 8 поени од 9 партии (притоа со 7 победи и две реми). Репрезентативецот на Македонија и член на ШК Алкалоид ИМ Тони Лазов го се пласираше на 5-то место со освоени 6 поени, исто толку поени освои и младиот член на ШК Алкалоид Михаил Јорданов кој по дополнителен критериум заврши на 10-то место.

По неколку годишна пауза се одржа Отвореното првенство на Македонија за жени, на кое учествуваа 12 шахистки од кои три се членки на женската екипа на ШК Алкалоид. Првото место очекувано и сосема заслужено припадна на првата табла на македонската репрезентација женскиот Фиде мајстор Моника Стојковска со освоени 6 поени од 7 партии. На второто место се пласираше легендата на македонскиот женски шах, долгогодишна репрезентативка и член на ШК Алкалоид женскиот Интернационален мајстор Габриела Коскоска со освоени 5 поени. Солиден настап имаше и младата Ефтовска Леа, која пријатно изненади на својот прв шампионат, се избори и успеа да освои 4 поени од 7 партии, што значеже пласман на петтото место.


Колачиња

Оваа веб-страница користи колачиња на прва страна кои се потребни од технички причини, заради овозможување на функционалноста на веб-страницата и на услугите што ги нудиме, и нив ги сметаме за суштински или неопходни колачиња.
Прочитајте повеќе во нашата Политика за приватност / Политика за веб колачиња