ШК Алкалоид Европски Вицешампион!
Во последното седмо коло на Европскиот клупски куп, шахистите на Алкалоид го одиграа својот најдобар меч, и убедливо тријумфираа над францускиот „Шартре“ со 5:1 за нова Европска Вицешампионска титула. Арјун Еригаиси на првата табла ремизираше со легендарниот украински шахист Василиј Иванчук, кој во во 2015та година настапи за нашата екипа на ЕКК во Скопје. Со црни фигури беше и С. Л. Нарајан на петтата табла кој го подели поенот со Максим Лагард. На останатите четири табли беа извојувани убедливи победи: Веи Ји го совлада Маркандрија Маурици водејќи ги белите фигури на втората табла, а неговиот сонародник Јангји Ју со црните триумфираше против Лорен Фресине. На четвртата и шестата табла Читамбарам Аравинд со бели освои цел поен против Даниел Дарда, додека Александар Инѓиќ го заокружи настапот со уште една победа, овојпат против Кристијан Бауер.
Триумфот во последното седмо коло ни донесе нови два бода, со што турнирот го завршивме со вкупно 12 бода, пет победи, два нерешени резултати и без пораз во меч.
Од поголемата група на екипи која имаше 10 бода по шесте одиграни кола, ниту една друга не успеа во финишот да оствари победа: „СуперЧес“ беше поразен во дербито со „Нови Бор“, додека двобојот на „Бајеган Пендик“ и „Туркиш Ерлајнс“ заврши со нерешен резултат, исто како и оној на „Тајфун“ против „Сентименто Ајка“.
На овој начин, „Нови Бор“ стигна до третата европска титула со 13 бода, еден повеќе од „Алкалоид“.
За ШК Алкалоид ова е трет пат како е остварен пласман меѓу првите две екипи на Стариот континент, при што во 2016 година Алкалоид беше Европски Шампион, а во 2017 година беше освоен првиот сребрен медал на елитното европско клупско натпреварување.
Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дела освоија и медали за индувидуални резултати.
Еригаиси играше извонредно на првата табла и освои златен медал, како и Ју Јангји на третата табла. Александар Инѓиќ на шестата табла освои сребрен медал, а Аравиндитх Читамбарам на четвртата табла стигна до бронзениот медал!
Со овој резултат ШК Алкалоид се вбројува меѓу најуспешните екипи на „шаховската Лига на Шампионите“ во последните десетина години, и најуспешните спортски колективи во нашата држава